Кривична пријава против вкупно 36 лица меѓу кои и осуммина вработени во МВР поднела полицијата бидејќи постои основано сомнение дека ја злоупотребувале службената должност. МВР вчера попладне соопшти дека нивните службеници се товарат за „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл. 353, „несовесно работење во службата“ по чл. 353 и „фалсификување на службена исправа“ по чл. 361 од Кривичниот законик, а 28 граѓани поради сомневање дека сториле поттикнување во извршување на наведените кривични дела.
–Пријавените службени лица вработени во Одделението за управни работи Скопје искористувајќи ја својата службена положба и овластување на 28 граѓани, спротивно на законските прописи, без да имаат положено возачки испит и без потребната документација, извршиле електронско креирање на документација со внесување на лажни податоци, истата ја одобриле за изработка, по што им биле издадени возачки дозволи за управување на моторни возила, се наведува во пријавата до Основно јавно обвинителство Скопје.
По наредба на судија на претходна постапка, извршени се претреси во службените простории на Одделението за управни работии во домот на еден од осомничените, кој е лишен од слобода и задржан во полициска станица, од каде ќе биде изведен пред надлежен судија од Основниот кривичен суд. Обезбедените материјални докази ќе бидат предадени на јавен обвинител за понатамошна постапка. Осомничените службени лица се суспендирани од работните места и против нив ќе бидат поведени дисциплински постапки.