Темно Режим Светло Режим

По другите земји, и Словенија испраќа војници во Гренланд

Двајца словенечки офицери наскоро ќе заминат во Гренланд, каде ќе учествуваат во меѓународната воена вежба „Арктичка отпорност“, предводена од Данска. Одлуката била донесена на долга седница на словенечката влада што траела цела ноќ и завршила утринава околу 10 часот, пренесува N1.

Во владините образложенија се наведува дека офицерите ќе заминат во најскоро време, доколку реализацијата се одвива според планираното. Воедно, се остава можност, во случај на потреба од поголем ангажман, словенечката влада со посебна одлука да одлучи за дополнително учество на армијата.

Целта на вежбата е зајакнување на присуството на НАТО во Арктикот и испраќање порака на одвраќање кон Русија, но и кон американскиот претседател Доналд Трамп. Трамп во неколку наврати изјави дека САД би можеле да го преземат Гренланд „со или без употреба на сила“, а неодамна најави и можни царини за земјите што не би се согласиле со такво сценарио.

Од Данската арктичка команда информираа дека на вежбата се поканети и САД, како дел од пошироките сојузнички активности поврзани со конфликтот во Украина. Генерал-мајорот Сорен Андерсен изјави дека Арктикот во новиот стратешки концепт на НАТО е препознаен како чувствителен простор каде Русија би можела да го ограничи сојузничкото движење и навигација.

Тој најави дека наскоро ќе се приклучат и балтичките земји, дека ќе учествува и Канада, како и дека НАТО има тесна соработка со САД „рамо до рамо“. Дел од јавноста овие изјави ги протолкува како индиректна покана Вашингтон активно да се вклучи во вежбата.

Според Андерсен, целта е демонстрација на „единство и солидарност на алијансата, дури и на најсеверните точки на светот“.

Сепак, симболичниот број на учесници предизвика и потсмев во дел од Европа. Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето јавно ја исмеа иницијативата за мали контингенти.

– Гренланд? Се прашувам зошто. Туристичко патување? Петнаесет Французи, петнаесет Германци – звучи како почеток на шега – изјави тој во Рим.

Кросето нагласи дека не сака Европа да изгледа како збир на расфрлани контингенти, туку како обединета сила што ќе испраќа вистинска порака на одвраќање.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

МЗ уверува: Забраната за пушење нема да го уништи угостителството

Следниот Пост

Филипче: Тужба за клевета, Жан Митрев да отиде кај обвинител и да поднесе кривична пријава