Швајцарските власти соопштија дека се идентификувани сите 40 жртви од катастрофалниот пожар што избувна за време на новогодишната ноќ во барот „Констеласион“ во одморалиштето Кран-Монтана. Меѓу загинатите има дури 20 малолетници, што ја прави трагедијата една од најтешките во поновата историја на земјата.
Според полицијата на кантонот Вале, животот го загубиле 21 државјанин на Швајцарија, едно лице со двојно швајцарско-француско државјанство, како и 19 странски државјани на возраст од 14 до 39 години, од кои најголем дел биле малолетни.
Меѓу странските жртви има осум државјани на Франција, меѓу кои и 15-годишно девојче со француско-израелско-британско државјанство, шест Италијанци, една Белгијка, една Португалка, еден Романец, еден Турчин и еден Србин со двојно швајцарско-српско државјанство, пренесува швајцарскиот весник Le Temps.
Телевизијата BFM TV наведува дека сè уште трае идентификацијата на уште шест лица меѓу вкупно 119 повредени во пожарот.
Федералните власти информираат дека 35 лица со тешки изгореници се префрлени на лекување во болници во Франција, Белгија, Германија и Италија. Во меѓувреме, италијанските власти соопштија дека телата на петмина од шесте починати италијански државјани денеска ќе бидат транспортирани назад во Италија.