Темно Режим Светло Режим

Техничката влада треба да замине во минатото, кажа Мицкоски

По денешната лидерска средба во Клубот на пратениците, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека е постигнат своевиден компромис за Законот за прекршоците, додека за техничката влада постоело општо согласување дека таа треба да стане минато.

Според Мицкоски, доколку нема целосна согласност меѓу сите парламентарни групи за укинување на таканаречената Пржинска влада, можно е таа да важи и за следните избори, по што би била укината. Тој додаде дека ќе бидат неопходни измени во Законот за Влада поради промените во ресорите.

На средбата било отворено и прашањето за измените на Изборниот законик, со цел да се овозможи поголемо учество на дијаспората во изборниот процес.

„Јавноста денеска беше сведок на поинаков пристап – отворена и конструктивна дебата, полна со идеи и предлози. Се отворија повеќе прашања и предложив разговорите да продолжат на ниво на пратенички групи, затоа што целта ни е да ги надминуваме проблемите, а не да создаваме нови“, истакна Мицкоски.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, средбата ја оцени како изненадувачки конструктивна и информираше дека начелно било договорено до крајот на пролетта, односно до јуни, да се донесе нов Изборен законик. Тој посочи дека за економските теми, меѓу кои и минималната плата, не било постигнато разбирање.

„Се дискутираше за различни модели – една изборна единица, со или без изборен цензус, како и за отворени или затворени листи. Комуникацијата ќе продолжи меѓу координаторите на пратеничките групи и дел од министрите“, изјави Апасиев.

Според него, укинувањето на техничката влада било разгледувано во две варијанти – веднаш или по наредните парламентарни избори, во зависност од ставот на СДСМ. Како последна политичка тема била отворена и позицијата на народниот правобранител, при што Левица предложила таа да ѝ припадне на ромската заедница, која, според Апасиев, е најдискриминирана и недоволно застапена во институциите.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, кој на средбата ја претставуваше коалицијата ВЛЕН, изјави дека тие ја поддржуваат идејата техничката влада да се укине веднаш. Доколку, пак, не се постигне целосен политички консензус, тогаш и следните редовни парламентарни избори да се одржат со техничка влада, по што таа конечно би се укинала.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Општина Центар со серија мерки за поддршка на учениците

Следниот Пост

Потврдени резултатите од изборите во четири општини