Најмалку четири лица загинаа во напад со руски дрон врз патнички воз во регионот Харков, во источна Украина, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според првичните информации, четири лица сè уште се водат како исчезнати, додека две се повредени.
Зеленски преку објава на Телеграм нагласи дека нападот бил насочен кон цивилна цел и дека во возот се наоѓале стотици патници. Тој оцени дека ваков чин, во која било држава, би бил третиран како терористички напад.
„Нема никакво воено оправдување за убиство на цивили кои патуваат во патнички воз“, напиша Зеленски, додавајќи дека станува збор за директен напад врз недолжни луѓе.
Украинскиот претседател повика на засилен меѓународен притисок врз Русија и побара конкретни санкции и казни за ваквите постапки. Според неговите зборови, во возот имало повеќе од 200 патници во моментот на нападот.
Бројот на патници, сепак, варира според официјалните извори. Министерот за развој Олексиј Кулеба претходно изјави дека во возот се превезувале 291 патник, додека регионалното обвинителство соопшти дека бројката надминувала 155 лица.