Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, го предупреди Иран да не продолжи со егзекуции на демонстранти, нагласувајќи дека САД ќе преземат силни мерки доколку властите во Техеран ги обесат притворените Иранци.
„Доколку направат нешто такво, ние ќе преземеме многу силни мерки“, изјави Трамп во интервју за CBS News, без да прецизира каква би била конкретната реакција на Вашингтон.
Претходно, во објава на Платформа X, американскиот Стејт департмент соопшти дека иранските власти планираат егзекуција на притворениот демонстрант Ерфан Солтани во среда. Во соопштението се наведува дека повеќе од 10.600 Иранци биле уапсени од режимот на Исламската Република само затоа што ги барале своите основни права, а меѓу нив е и 26-годишниот Солтани, чија егзекуција е закажана за 14 јануари.
Трамп изјави дека не бил информиран за конкретни извештаи за бесења, но предупреди дека ваквите постапки би можеле да предизвикаат остар, па и насилен одговор од САД.
„Ако сакаат да протестираат, тоа е едно. Но, кога ќе почнат да убиваат илјадници луѓе, а сега зборувате и за бесења, ќе видиме како ќе им оди“, изјави Трамп, додавајќи дека тоа нема да заврши добро.
На прашањето каква поддршка може да очекува иранскиот народ, американскиот претседател посочи дека таа би можела да биде економска.
„Многу помош е на пат, во различни форми, вклучително и економска поддршка од наша страна, но таа нема многу да му помогне на Иран“, рече Трамп.