Американскиот претседател Доналд Трамп денеска треба да се обрати на голем собир на креатори на политики и бизнис-лидери во Швајцарија, во услови на зголемени тензии околу неговите намери поврзани со преземањето на Гренланд.
Настапот на Трамп на Светски економски форум во Давос внимателно ќе биде следен од европските лидери, и на самото место и пошироко, откако американскиот претседател се закани со воведување нови царини за неколку европски земји членки на НАТО кои се спротивставуваат на неговите планови. Меѓу нив е и Данска, под чија надлежност се наоѓа арктичката територија Гренланд.
Трамп инсистира дека американската контрола врз Гренланд е неопходна за заштита на регионот од влијанието на Русија и Кина. Во Давос, тој најави и одржување на „состанок на различните страни“ за Гренланд, без да прецизира кои актери ќе учествуваат.
Во објава на Truth Social, Трамп повтори дека Гренланд е „императив за националната и светската безбедност“, додавајќи дека „не може да има враќање назад“ од оваа позиција.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, кој во повеќе наврати истакна дека островот не сака да стане дел од САД, изјави дека е малку веројатно Вашингтон да прибегне кон воена сила, иако Трамп упати такви закани. Сепак, тој нагласи дека Гренланд се подготвува за сите можни сценарија.
Годинава, САД испраќаат најголема делегација досега на годишната конференција во Давос, во која се вклучени и трговскиот претставник Џејмисон Грир и секретарот за финансии Скот Бесент.