Васиќ-Бозаџиева: Потребни се законски интервенции за Уставниот суд да може да укинува пресуди од редовното судство

Судијката на Уставниот суд, м-р Татјана Васиќ Бозаџиева се обрати на Панелот за „Правно советување за современи теми ‘одлуки на Уставниот суд вис – а – вис одлуки од редовно судство” на Годишната меѓународна конференција со која се одбележаа 73 години од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први”- Скопје. Во своето излагање истакна дека дебатата за надлежноста на уставните судови да укинуваат/поништуваат неуставни одлуки на редовните судови е клучна и контроверзна во уставното право поради фактот што се отвораат прашања за балансирање меѓу заштитата на уставните права и зачувувањето на независноста на редовното судство.

Актуелната правна рамка во Република Северна Македонија не овозможува директна и ефикасна заштита на уставните права преку укинување или поништување на неуставни судски одлуки од страна на Уставниот суд. Ова ограничување ја намалува правната сигурност и остава простор за правни несигурности во однос на заштитата на основните човекови права, посочи судијката Васиќ-Бозаџиева.

-Од една страна, поништувањето на одлуките на редовните судови од страна на Уставниот суд се смета за потребно за заштита на правата на граѓаните, додека од друга страна, се гледа како прекумерна интервенција во судската независност, истакна Васиќ-Бозаџиева, напоменувајќи дека во Република Северна Македонија, уставната рамка овозможува единствено Уставниот суд може само да утврди повреда и да предложи начин за отстранување на последиците, без укинување/поништување на актот со кој е сторена повредата.

Според судијката Васиќ-Бозаџиева постојат две клучни причини за да се воведе механизам за поништување на судски пресуди од страна на Уставниот суд, а тоа се потребата од брза и ефикасна заштита на човековите права и одржувањето на баланс помеѓу правната сигурност и заштитата на уставните права. Напоменува дека ефективната заштита на човековите права не може да се сведе само на констатирање на повредата, туку треба и да се обезбеди рехабилитација на правата на засегнатите граѓани.

-Како особени предизвици кои би се појавиле при укинувањето на неуставните судски одлуки се конфликтите со редовните судови кои таа можност би ја перцепирале како мешање на Уставниот суд во нивната судска автономија, потоа преоптовареност на Уставниот суд со предмети од сите нивоа на судови и од сите апелациони подрачја, опасност од политизација, ризик од правна несигурност која може да биде последица на различни интерпретации. Како особено важен предизвик ќе го истакнам ограничувањето на финансиските ресурси на Уставниот суд, кој несомнено би влијаел врз работниот процес и ефикасноста, истакна судијката Васиќ-Бозаџиева.

Согласно направената анализа и уставно-судската пракса која е земена во предвид од искуството на судовите во Германија, Шпанија, Австрија и Хрватска, судијата Васиќ-Бозаџиева ги лоцираше можните решенија за кохезија помеѓу Уставниот суд и редовното судство кога станува збор за унапредување на заштитата на правата на граѓаните, пред се’ тргнувајќи од првичната ревизија на надлежностите на Уставниот суд и следствено на ова интервенирање во Актот со кој би се утврдиле начините и постапката за укинување на неуставните судски пресуди. Дополнително, нужно е изменување на процесните закони како Законот за парнична постапка, Законот за кривична постапка и Закон за управни спорови со кои би се овозможило повторување на судските постапки врз основа на одлука на Уставниот суд со кој е утврдена повреда на човековите слободи и права. За целосно и трајно решение потребни се амандмански измени на Уставот со кој би се вовела целосна уставна тужба.

Претходна вестМора да не биде, и ќе не биде, ја разбирам Кос, таа мораше да го помине „хирингот“, изјави Мицкоски
Следна вест Пуштен е во употреба хидросистемот „Ѓавaто“ кој го полни Дојранско Eзеро