Вевчанци не ја прифаќаат одлуката на владиката Тимотеј да го замени нивниот свештеник Ромео Петрески Падре

Со петиција потпишана од 1.500 граѓани и отворено писмо жителите на Вевчани бараат од Дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј да ја смени одлуката за смената на свештеникот Ромео Петрески Падре.

Преку објава на Фејсбук страницата Мое Вевчани тие вчера побараа правда за Петрески Падре

– Ние, како верници, го цениме и сакаме нашиот поп, кој секојдневно работеше за доброто на сите нас и ја чуваше духовната атмосфера во Вевчани. Неговата посветеност, љубов и морал не можат да се заменат со одлуки кои се донесени без да се има во предвид гласот на вевчанци. Ваше Високопреосвештенство Тимотеј, Ние, верниците од Вевчани, со голема почит и соништво кон духовноста, Ви се обраќаме со оваа молба да ја преиначите Вашата одлука за замена на нашиот омилен поп, Ромео Петрески Падре. Разбираме дека во одредени моменти одлуките треба да се носат со цел да се одржи ред и стабилност во заедницата, но истовремено веруваме дека секоја таква одлука мора да го одразува духот и потребите на оние кои ја сочинуваат таа заедница. Ромео Петрески Падре беше не само духовен лидер, туку и човек кој со својата посветеност, изгради една непроценлива духовна атмосфера во Вевчани. Неговото присуство беше од клучно значење за сите нас, бидејќи секојдневно го споделуваше Божјото слово и се грижеше за нашата духовна и морална благосостојба.Ние, вевчанците, чувствуваме дека не се консултиравте со нас, верниците кои секојдневно ја чувствуваат благосостојбата од неговото свештеничко служение. Нашиот народ е оној кој најдобро ја познава и почувствува неговата посветеност. Не сметаме дека одлука која не се усогласува со волјата на заедницата може да доведе до позитивни ефекти, стои во апелот.

Верниците побараа да се преиспита оваа одлука и митрополитот Тимотеј да го врати Ромео Петрески Падре на неговото свештеничко место, за да продолжи да биде нивен духовен водич.

Претходна вестДел од општина Зелениково денеска без струја
Следна вестСДСМ: Укинување на ДДВ за храната вистински ќе ги намали цените, кошничките немаат ефект