Темно Режим Светло Режим

Видео открива детали за убиството на американски државјанин од имиграциски службеници

Очевидци ги снимиле моментите што му претходеле на убиството на маж во Минеаполис, кој вчера загина за време на интервенција на федерални службеници за имиграција.

Локалните власти соопштија дека станува збор за 37-годишниот Алекс Прети, американски државјанин од Минеаполис, кој работел како медицински работник.

На видеото, објавено од „Би-би-си“, се гледа турканица меѓу Прети и федералните агенти, по што тие го совладуваат. Во продолжението од снимката, снимена од друг агол, се слуша истрел, по кој мажот го губи животот.

Официјалните информации за настанот се контрадикторни. Министерката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем, изјави дека агентите пукале „во самоодбрана“, тврдејќи дека Прети „реагирал насилно“. Од друга страна, гувернерот на сојузната држава Минесота, Тим Волц, остро го отфрли ваквиот опис, оценувајќи го како „лаги“ и „целосна глупост“.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста и се случува помалку од три недели по друг инцидент, кога американската државјанка Рене Гуд беше застрелана од агент за имиграција во друг град во САД.

Снимките поврзани со убиството на Прети веќе се појавија и на социјалните мрежи, а истрагата за случајот е во тек.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

УХМР: Снег на планините, дожд најавен во текот на ноќта

Следниот Пост

Македонија се сеќава на Тоше Проески - 45 години од раѓањето на музичката икона