Политиките на власта крахираа, а Комисијата за заштита од заразни болести целосно потфрли. За не цела недела имаме 2.000 заболени, онолку колку што Комисијата прогнозираше дека ќе имаме во текот на целата пандемија, соопшти денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од оваа партија предупредуваат дека пандемијата се уште не е завршена, а бројот на заразени е десеткратно повеќе од прогнозите на Комисијата за заштита од заразни болести и власта.
-И власта не прави ништо за да спречи уште поголема катастрофа. На праг сме на сезоната на грип, а уште немаме вакцини. Највозрасните и хронично болните се оставени буквално на себе. СДСМ не се потруди ниту да се подготви за есенскиот голем бран на ковид. Цело лето преспаа, и не оспособија ниту еден болнички капацитет повеќе, иако знаеја дека ситуацијата ќе биде лоша, резултатот сега го гледаме, преполни болници уште на почеток на есента. Хаосот кој се случува е директна вина на Комисијата за заштита од заразни болести и власта кои немаат план како да се справат со заразата. Со СДСМ Македонија и граѓаните само тонат во хаосот на пандемијата, се потенцира во партиското соопштение.
Најголемата опозициска партија денеска ќе протестира во повеќе градови низ државата против криминалот, корупцијата, неправдите и прогонот. Ќе се протестира со возила во Скопје, Велес, Охрид, Куманово, Прилеп, Штип и Битола со почеток во 18:30 часот.
Протестот со возила на територија на Град Скопје ќе започне од СЦ Јане Сандански, па се до Владата на Република Македонија.
-Македонија стана земја на криминалци, мафијаши на власт и неправда. Има за врхушката на власт, а нема за народот. Прогонот на политички неистомисленици стана секојдневие од страна на власта, која пак го прикрива стравот од казната која им следи од народот. Криминалот и корупцијата на власта се сериозни проблеми со кои се соочува државата, а вмешаноста во корупциски скандали и афери на луѓе од власта и блиски до Заев стана нормалност. СДСМ и Заев мора да заминат на темната страна на историјата, а Македонија мора да биде правна држава во која ќе владеат законите подеднакво за сите, соопштија од опозициската партија.