Кошаркарите на Пелистер успешно го отворија првото овогодишно коло од домашното првенство, откако на домашен терен славеа во дербито против Работнички со 88:85.
Натпреварот уште од самиот почеток донесе неизвесна и борбена кошарка. „Зелените“ ја добија првата четвртина со мала предност, која ја задржаа и во вториот период, па на полувреме заминаа со водство од 47:44.
Во продолжението Работнички се обиде да се врати во игра и да ја намали разликата, но во завршницата од третата четвртина Пелистер направи серија поени и се одлепи на 71:65.
Последната четвртина донесе вистинска драма. Битолчани постојано одржуваа предност од три до четири поени, но на минута и пол до крајот Работнички се доближи на само еден поен негатива (84:83). По тајм-аутот, Малешевиќ погоди важна тројка, гостите не реализираа напад, а потоа Стајиќ промаши две слободни фрлања што можеше да ја смени сликата на натпреварот. Во самиот финиш, Малешевиќ беше прецизен од линијата за слободни фрлања и ја запечати победата на Пелистер.
Дејвис беше најефикасен во победничкиот тим со 25 поени, додека Малешевиќ додаде 21. Кај Работнички, Петровски се истакна со 19 поени.