Министерството за здравство формираше работна група која ќе го испитува случајот со наводниот извоз на човечки мозоци од Македонија за научни цели. Ќе се проверуваат сите достапни информации и податоци поврзани со испраќањето мозочни примероци во САД, вклучително и дали постоела соодветна документација, дали била обезбедена согласност од семејствата, како и дали биле почитувани законската и етичката рамка.
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека наскоро ќе се добие појасна слика за тоа што точно се случувало во периодот од 1994 до 2015 година, кога траела соработката со Универзитетот Колумбија во Њујорк.
Тој посочи дека работната група ќе го анализира административниот аспект на случајот и ќе утврдува дали во Министерството постоеле документи, меморандуми или договори за научни или клинички истражувања. Според него, засега во јавноста кружат шпекулации и неофицијални информации, а институциите треба да дадат јасни и проверливи одговори.
Од Јавното обвинителство засега нема реакција на објавените информации за т.н. „извоз на мозоци за научни цели“. Досега е потврдено дека три државни психијатриски болници – Бардовци, Демир Хисар и Негорци – биле вклучени во проектот во кој македонски патолози и форензичари со години соработувале со Универзитетот Колумбија.
Во рамки на таа соработка бил развиен нов метод за анализа на мозочно ткиво, познат како „нео-Голџи“. Методот е опишан во научен труд од 2013 година, потпишан од професорите Алексеј Дума, Горазд Росоклија и Ендру Џеј Диворк, а трудот бил објавен и во универзитетски билтен на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Во трудот се наведува дека со методот биле анализирани 220 примероци од мозочно ткиво од над 175 човечки обдукции. Според професорот Росоклија, примероците потекнувале од заедничка збирка на македонски и њујоршки психијатриски институции, најчесто од лица со психијатриски заболувања, со различни причини за смрт.
Случајот повторно стана актуелен откако во документите поврзани со Џефри Епстин, објавени од американското Министерство за правда, беше спомната соработка на негова фондација со Универзитетот Колумбија, при што се наведува дека биле користени мозочни примероци увезени од „малата балканска земја“ Македонија.