Украинскиот претседател Володимир Зеленски јасно стави до знаење дека Киев нема намера да се откаже од ниту еден дел од својата територија во рамки на новиот мировен предлог што во наредните денови треба да биде доставен до Вашингтон. Според извори на Би-Би-Си, документот целосно ги отфрла сите можни територијални компромиси и ја потврдува позицијата на Украина за зачувување на постојните граници.
Зеленски ја изнесе оваа позиција на состанок со европски и НАТО-лидери што се одржа во Лондон, нагласувајќи дека Украина нема ниту законска, ниту морална основа да се откаже од своја територија. Тој истакна дека таков чекор би бил спротивен на украинскиот Устав и би претставувал отстапување од основните принципи на државноста.
Средбата во британската престолнина, на која присуствуваа и британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, беше оценета како силен сигнал за поддршка на Украина, во време кога САД разгледуваат можни мировни решенија што би подразбирале ограничени отстапки.
Според Зеленски, првичниот американски документ содржел 28 точки, но по реакциите од Киев и европските партнери бил редуциран на 20. Најконтроверзни прашања остануваат статусот на Донбас и контролата врз нуклеарната централа во Запорожје. Дел од протечените информации укажуваат дека во една од верзиите на планот се предвидувала целосна руска контрола врз Донбас и поделба на електричната енергија произведена во Запорожје меѓу Украина и Русија.
Европските лидери повторија дека евентуален мировен договор мора да обезбеди праведен и долгорочен мир, како и јасни безбедносни гаранции за Украина. Додека Велика Британија и Франција ја поддржуваат идејата за распоредување меѓународни сили на терен, Германија и Италија засега остануваат попретпазливи, а деталите за ваквите механизми сè уште не се дефинирани.
По лондонската средба, Зеленски ги продолжи дипломатските активности со посети на Брисел и Рим, со цел усогласување на позициите со европските партнери.
Во меѓувреме, Москва ги оцени разговорите со САД како „конструктивни“, без најава за отстапување од целите поставени со инвазијата во 2022 година. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Зеленски е главната пречка за постигнување мир и дека Русија го прифатила американскиот план, иако од Белата куќа нема потврда дали украинскиот лидер официјално се запознал со содржината на документот.