Со свитата „Македониум“ на Давор Јордановски денеска се отвора 25. издание на „Есенски музички свечености“

Со свитата „Македониум“, музика на Давор Јордановски во изведба на ансамблот Ин медиас рес при Полифонија уметнички центар, денеска се отвора 25-то издание на Есенски музички свечености.

Проектот „Македониум“ е промоција на македонската уметничка музика пред нови генерации и нова публика. Во својата 20-годишна работа уметничкиот центар Полифонија презема активна улога во реализацијата на проекти од повеќе стилови кои привлекуваат различни типови публика (едукативни, експериментални, џез и премиери на класична и барокна музика), залагајќи се за новина и разновидност кои ја продлабочуваат уметноста, при што и наследството и искуството на многубројните уметници презентирани преку проектите на Полифонија низ годините

-Концертното претставување на овој проект е уникатен спој на врвни македонски изведувачи и музика напишана во класичен стил каде се комбинираат културни музички влијанија од повеќе делови на светот преку познати македонски мелодии. ‘Македоникум’ е свита на композиторот Давор Јордановски која ја започнал уште во далечната 2002 година. Ја сочинуваат 12 пиеси за мешан ансамбл (виолина, флејта, кларинет, фагот и пијано) врз основа на легендарни македонски мелодии како Кољо, Милица, Анѓа, Чалгии и др. Спротивставените виртуозни делници на инструменти во изведба на етаблирани музичари со различна генерациска и образована позадина, успеваат сосема да ја обземат публиката со што значително се зголемува и интересот кон Македонската музика, вели Ристо Ѓоревски, член на ансамблот.

Концертот ќе биде во изведба на следните уметници: Сања Шуплевска – виолина, Марија Јакимовска – флејта, Ристо Ѓоревски – кларинет, Орце Ицковски – фагот, Давор Јордановски – пијано.

Претходна вестАМСМ: Поради технички проблеми на терминалот се пренасочува сообраќајот на патот Скопје – Блаце
Следна вестВечерва две светски премиери на Дарија Андовска во Токио и Скопје