Темно Режим Светло Режим

Товарниот сообраќај трет ден во застој, можно запирање и на меѓународниот автобуски превоз

Товарниот сообраќај и понатаму е во застој поради протестот на транспортните компании од Западен Балкан, кои од завчера ги блокираа граничните премини кон шенген-зоната со камиони. Превозниците бараат Европската Унија да го измени начинот на електронска евиденција на престојот во шенген-зоната, односно примената на правилото 90 дена во период од 180 дена, кое, според нив, не е прилагодено за професионалните возачи.

Според првичните проценки на стопанските комори, економската штета од блокадите достигнува околу 100 милиони евра дневно на регионално ниво. Во протестот се вклучени транспортни компании од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Премиерот Христијан Мицкоски изрази очекување дека проблемот на македонските превозници ќе биде надминат, посочувајќи дека ова прашање е отворено уште од септември во комуникацијата со Европската комисија. Тој најави дека побарал телефонски разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во моментот е службено отсутна, и дека во наредните денови ќе ја отвори темата повторно, заедно со земјите од регионот, со цел да се најде решение кое ќе им излезе во пресрет на транспортерите, без да се наруши шенген-механизмот.

Advertisement

Од Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва „Макам-транс“ предупредуваат дека сегашните правила создаваат сериозни економски апсурди. Според нив, нема никаква оправданост компаниите да ангажираат по двајца возачи по возило, особено во услови кога нема доволен број камиони. Како што истакна генералната секретарка Билјана Муратовска, не е одржливо еден возач со месеци да биде дома и да прима минимална плата, додека другиот работи, што е штетно и за возачите и за превозниците.

Во меѓувреме, на истиот проблем укажаа и возачите во меѓународниот автобуски превоз, кои апелираат до европските институции да донесат правично и применливо решение што ќе ја земе предвид спецификата на професионалниот превоз на патници и стока. Од Асоцијацијата „Исток“ порачаа дека целосно ги поддржуваат ставовите на „Макам-транс“ и не ја исклучуваат можноста за заеднички протест доколку не се донесе одлука што ќе овозможи нормално функционирање на меѓународниот превоз и заштита на економијата.

Реакција стигна и од Македонската национална транспортна асоцијација „Бест мобилити – НТА“, од каде што истакнуваат дека блокадите се израз на револтот на професионалните возачи и нивното барање за еднаков третман со колегите од Европската Унија. Од асоцијацијата потенцираат дека решението мора да се бара директно во Брисел.

Претседателката на „Бест мобилити – НТА“, Оливера Миовска, нагласи дека барањата на превозниците се јасни – возачите да бидат признаени како мобилни работници, со статус потврден преку сертификатите за професионална компетентност. Таа упати итен апел до Владата и надлежните институции активно да го поддржат дијалогот со Европската комисија преку официјални дописи и состаноци, посочувајќи дека борбата за транспортниот сектор се води со аргументи и конкретни предлози во европските институции. Според неа, неопходно е единство меѓу државата и превозниците за да се зачува стабилноста на македонскиот транспортен сектор.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Во 17 часот протестна поворка од Работничкиот дом: ССМ бара повисоки плати

Следниот Пост

Најсилен раст на златото од 1979 година, цените рушат рекорди