Јавното обвинителство информираше дека се вршат проверки по изјавите на кардиохирургот Жан Митрев, кој во интервју изнесе тврдења дека бил под притисок од поранешниот премиер Зоран Заев и од поранешниот министер за здравство, а сега лидер на СДСМ, Венко Филипче, да ја продаде својата приватна болница.
Од Основното јавно обвинителство Скопје појаснуваат дека предметот е отворен по допрен глас на 21 јануари 2026 година и дека веќе се преземаат конкретни дејствија за утврдување на фактите поврзани со јавно изнесените наводи од страна на Митрев, сопственик на Клиниката „Жан Митрев“ во Скопје.
Според Обвинителството, проверките имаат за цел да утврдат дали постојат елементи на кривично дело кое се гони по службена должност и дали навистина имало обиди за присилување во однос на сопственичката структура на клиниката.
Во меѓувреме, Венко Филипче ги отфрли обвинувањата и најави дека ќе поднесе тужба против Жан Митрев поради, како што наведе, невистинити и штетни тврдења.