Финансиската полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, под сомнение за злоупотреба на службената должност.
Според соопштението на Финансиската полиција, Бислимовски се сомничи дека не постапил навреме за одземање на лиценцата на компанијата „Тритерол Петрол“, иако таа не ги исполнувала законските услови за вршење енергетска дејност.
„Наместо лиценцата да биде одземена на 15 јануари 2024 година, таа е одземена дури на 14 април 2025 година, со што ѝ било овозможено на компанијата уште 15 месеци незаконски да врши енергетска дејност и да учествува и склучува договори поврзани со јавни набавки“, наведуваат од Финансиската полиција.
Како последица на тоа, според наводите, „Тритерол Петрол“ остварила промет од над 194 милиони денари и незаконска добивка од повеќе од 14 милиони денари.
Од друга страна, Марко Бислимовски ги отфрла обвинувањата и тврди дека Регулаторната комисија постапувала согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, во исти рокови и на ист начин како и кај сите други компании кои аплицирале за лиценца.
„Овие постапки се потврдувани од сериозен тим во РКЕ. Никогаш, буквално никогаш, немало повластена компанија, ниту пак постапки спротивни на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци. Во наредниот период ќе се обидам тоа и да го докажам. Ќе го следам овој процес и нема да дозволам на кој било начин да биде извалкано моето име“, изјави Бислимовски.
Компанијата „Тритерол Петрол“ е во сопственост на Лупчо Пецов – Ѓаволот, кој се сомничи дека е еден од организаторите на криминалната група за даночна евазија во случајот „Синџир“.
Во рамки на истиот предмет, поранешниот државен правобранител Фехми Стафа беше фатен на дело како прима поткуп, со цел да му се укине притворот на Пецов. Според истрагата, поткупот требало да заврши кај апелацискиот судија Ѓоко Ристов. И Стафа и Ристов во моментов се под истрага.