Скопјани кои во изминативе денови ги посетувале градските гробишта „Бутел“ можеа да видат како таму ништо не се менува. Не, не зборуваме за нехигиената и на купишта отпадоци меѓу гробовите кои можат да се доведат во ред, но засега е во ред само да се наплаќаат од граѓаните давачки за гробно место.
Зборот ни е за надворешноста, околу гробиштата. Посебно е лоша сликата на двата паркинга кои што ги користат граѓаните.
Едниот, пред капелата, кој што секојдневно го користат многу граѓани кога одат на погреби, веќе е цел со дупки, распаднат асфалт, целосно неуреден, неодбележан… Ништо не е подобро ниту на соседниот паркинг спроти вториот влез на гробиштата кој е одамна претворен во депонија.
И никој од надлежните – ниту од управата на претпријатието, ниту од општината или Градот – не реагира. Очигледно, грижата за тој простор е погребана.