Темно Режим Светло Режим

Блокади на границите: Превозниците против новите правила на ЕУ

Товарниот сообраќај во Македонија денеска точно во 12:00 часот ќе биде блокиран на сите гранични премини, најавија превозниците. Блокадите се дел од координиран регионален протест на камионџиите од Западен Балкан против новите правила на Европската Унија за престој на професионални возачи во Шенген-зоната, за кои велат дека сериозно го загрозуваат меѓународниот транспорт и синџирите на снабдување.

Според најавата доставена до Министерството за внатрешни работи, блокадата ќе се спроведе на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блате и Табановце/Прешево, при што овој премин ќе биде затворен од српска страна.

За време на протестот, товарниот сообраќај ќе биде целосно стопиран или значително ограничен, додека патничките возила и јавниот превоз ќе сообраќаат непречено.

Превозниците, организирани преку асоцијацијата „Макам-транс“, со поддршка од здруженија од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, реагираат против примената на новиот Систем за влез и излез (EES) во Шенген-зоната.

Според новите правила, професионалните возачи од земји надвор од Европската Унија се третираат како туристи и можат да престојуваат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во период од 180 дена. Превозниците предупредуваат дека ова е неспроведливо во практиката и може да доведе до сериозен недостиг на возачи, застои во транспортот и економски последици.

Организаторите информираат дека ќе бидат пропуштани возила што превезуваат животни, лекови, експлозиви и други чувствителни пратки, со цел да не се загрози јавната безбедност.

Сепак, се очекува блокадите да предизвикаат доцнења во испораката на стоки и нарушување на логистичките синџири, а регионални организации веќе предупредуваат дека подолготрајни протести би можеле да имаат сериозно економско влијание.

Протестите се дел од поширока регионална иницијатива за отворање дијалог со Европската Унија и барање ревизија на шенгенските правила, кои камионџиите ги оценуваат како несоодветни за професионалниот транспорт од Западен Балкан.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Времето во наредните денови врнежливо, температурите околу 10 степени

Следниот Пост

Ново рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ - на ред искази на оштетени