Темно Режим Светло Режим

Данокот „изеде“ дел од донациите за Кочани

Иницијативата Support Kocani ја спроведе третата распределба на средства собрани преку заедничката наменска сметка за донации, отворена по трагичниот настан во Кочани. И овојпат, дел од хуманитарните средства завршија како персонален данок на доход уплатен во државниот буџет.

Во рамки на третата распределба, финансиска помош добија 142 лица кои претходно поднеле и потпишале изјава за потреба од поддршка. Исплатите се извршени согласно утврдени критериуми и донаторска одлука, но од бруто-износите повторно беше задржан персонален данок на доход.

Само за оваа распределба, по основ на персонален данок на доход, во државниот буџет биле уплатени 315.292 денари. Со тоа, вкупниот износ на платен данок за сите три досегашни распределби достигна 2.274.285 денари, од вкупни бруто-донации во износ од 22.742.997 денари.

Средствата за третата распределба целосно потекнуваат од донација обезбедена од Македонската православна епархија за Европа. Трансакцијата била ослободена од банкарска провизија, со поддршка од НЛБ Тутунска банка, а вкупниот бруто-износ на донацијата изнесувал 3.153.204 денари.

Според направената распределба, 123 лица добиле по 15.968 денари, додека 19 лица добиле по 45.992 денари, при што исплатените суми се нето-износи, по одбивањето на данокот.

Од иницијативата Support Kocani потсетуваат дека истиот принцип бил применет и во првата и во втората распределба – средствата директно се префрлале на сметките на најпогодените лица, а целиот процес бил транспарентно објавен и јавно достапен за увид.

Истовремено, од иницијативата укажуваат дека иако станува збор за хуманитарни донации, тие законски подлежат на оданочување, што резултира со значителен прилив на средства во државниот буџет. Овие податоци повторно го отвораат прашањето за даночниот третман на донациите наменети за настрадани граѓани.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Денеска 31. Конгрес на СДСМ во „Александар Палас“

Следниот Пост

Низ историјата кога и да се спуштел мрак, СДСМ бил факелот кој води кон излезот, кажа Филипче