Јавната администрација е преоптоварена, исполитизирана и неефикасна, оцени денеска вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи.
Тој изјави дека се потребни решенија за ефикасна администрација но и реформи преку нови законски решенија.
-Имаме наследено една многу тешка состојба во однос на јавната администрација – една преоптоварена, исполитизирана и неефикасна администрација. Ние, како нова Влада, сме за системски реформи и за донесување на неколку закони во насока на реформа на јавната администрација. Тоа се законот за вработување во јавната администрација, за одминистративното работење, рече тој.
Фетаи вели дека законот за правична застапеност кој се подготвува треба да ги запре партиските вработувањата, но и да обезбеде соодветна услуга за граѓаните.
Прашан дали реформата ќе значи и намалување на бројот на јавни администрации, Фетаи посочи на јавните дебати за законите за јавна администрација кои се во тек кои што ги спроведува Министерството за јавна администрација, и од кои ќе произлезат решенија што ќе бидат предложени во текот на дискусијата.
-Има многу институции каде што има многу малку вработени. Сметаме дека тие треба да се спојат за да имаме поцентрализирани, поефикасни и поотчетни институции. Ние веќе го донесовме Законот за јавни органи и исто така ќе бидат донесени и трите закони коишто претходно ги спомнав во насока на реформата на јавната администрација. Се надевам дека тоа ќе биде направено до крајот на годната. Исто така, како што се и нашите заложби за да се направат соодветните реформи во судството во однос на Кривичниот законик, и сето тоа што претставува цел од таа рамка на нашиот пат кон ЕУ, нагласи Фетаи.