Темно Режим Светло Режим

Финансиска полиција поднесе кривична пријава за даночно затајување тешко речиси 65 милиони денари

Управа за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основно јавно обвинителство Скопје против лицата Б.А. и Д.Х., сопственици и управители на правниот субјект АРЃИРА ДООЕЛ Скопје, поради сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“ од член 279 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

Според соопштението на Финансиската полиција, првопријавениот Б.А., во својство на сопственик и управител на компанијата, во периодот од 2020 до 2023 година присвоил трговска стока – златен накит во вредност од 197.742.227 денари. Притоа, тој не пресметал, не пријавил и не уплатил данок на додадена вредност по стапка од 18 отсто во износ од 35.593.601 денар, како и данок на личен доход по стапка од 11,11 отсто во износ од 21.969.161 денар. Со овие дејствија, како што се наведува, е предизвикана штета на Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 57.562.762 денари.

Второпријавениот Д.Х., исто така сопственик и управител на истата компанија, во текот на 2024 година присвоил дел од увезената стока – златен накит и необработено сребро во вредност од 2.628.932 денари, како и сметководствено евидентиран кало-растур во количина од 7.822,61 грама, односно во износ од 22.659.754 денари. На овој начин, според Финансиската полиција, избегнал да пријави и плати ДДВ во износ од 4.551.963 денари и данок на личен доход од 2.809.573 денари, со што е нанесена штета на буџетот за 2024 година во висина од 7.361.536 денари.

Со преземените дејствија во периодот од 2020 до 2024 година, пријавените лица, како што се наведува, се стекнале со противправна имотна корист и го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 64.924.298 денари.

По насоки на Основното јавно обвинителство Скопје, службени лица на Управата за финансиска полиција денеска ги привеле пријавените лица.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Пеп Гвардиола ги замолкна шпекулациите за заминување од Манчестер Сити

Следниот Пост

Болоња по пенали го елиминира Интер и избори финале во Суперкупот