Скопјани утрово се израдуваа на снег, кој покрај својата убавина, знае да донесе и проблеми. Како што обично бива со години наназад, снегот повторно ги изненади градските служби и тоа во втората половина на јануари. А во јули сигурно ќе бидат подготвени за расчистување. Цареви…
Па така утрово, поради снегот отежнато е движењето на автомобили во повеќе делови од Скопје.
На булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел движењето на автомобили е отежнато, а снегот се натрупува. Нема трага ниту од сол на патот, ниту од служби, велат жителите и апелираат општинската и механизацијата на јавните градски претпијатија да помогне во расчистувањето на наносите.
Како најкритични точки се посочуваат мостот Маџари кон Ченто, како и надвозникот од населбата Даме Груев кон Ѓорче Петров, каде возилата со часови стојат во место. Според сведочењата, коловозите се замрзнати, а сообраќајот се одвива исклучително бавно или е целосно блокиран.
Проблеми се пријавуваат и во Општина Илинден, каде се создала огромна гужва, а излезот кон автопатот е речиси невозможен поради замрзнати коловози и застој на возилата.
Слична е ситуацијата и на обиколницата во Скопје, каде транзитираат голем број возила.