Не го знам името на нашиот иден кандидат за градоначалник на Скопје, затоа што тоа е прерано, но го знам карактерот на личноста која ќе ја избереме, порача синоќа македонскиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој се обрати на одбележувањето на 80 – годишнината од ослободувањето на Скопје, на настан во организација на градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, насловен како „Скопје се буди“.
Мицкоски, признавајќи ја како грешка поддршката што и ја даде на актуелната градоначалничка Данела Арсовска при нејзиниот избор на функцијата, рече дека не се обидува да се амнестира и оти е свесен „колку таа ме чинеше и колку политички куршуми примив и колку ме разочара лично и ги разочара скопјани“.
-Очигледно оваа лекција е научена и сега знам дека на Скопје му треба човек кој ќе обединува и кој има визија. Кој ќе има емпатија и ќе пулсира со градот. Кој ќе умее да ја негува душата на градот и ќе решава проблеми. Не го знам името на нашиот иден кандидат за градоначалник на Скопје, затоа што тоа е прерано, но го знам карактерот на личноста која ќе ја избереме. На Скопје не му требаат експерименти туку докажани луѓе и Скопје е уморно од големи приказни кои најчесно завршуваат како големи разочарувања, рече тој.
Тој потврди дека идниот градоначалник на Скопје ќе биде човек што докажал дека умее да работи, а не кадар „кој ќе го пробуваме допрва дали ќе му тргне“.