„Ова е историски ден, би рекол рамо до рамо со денот кога се прогласи независноста“, изјави премиерот Христијан Мицкоски за затворањето на постмониторинг-дијалогот на Македонија со Парламентарното собрание на Советот на Европа.
– Тоа значи дека Македонија веќе не е опфатена со постмониторинг од страна на Советот на Европа. За разлика од нас, оние земји што ги сметаат за фронтранери во регионот, Црна Гора или Албанија, сè се уште во мониторинг или се во постмониторинг. А само пред три-четири месеци земја членка на Европската Унија, како Бугарија, излезе од тој постмониторинг, сега и ние излегуваме – рече Мицкоски.
За премиерот, ова значи само признание за нивото на демократија во државата и е демант за квалитетот на демократијата и слободата на говорот.
– Некои од вас бевте присутни пред неколку дена кога ми беше поставено прашање дали Владата влијае врз слободата на говорот? Ова е еден најголем демант, ова е најголемиот демант за квалитетот на демократијата во Македонија и слободата на говорот, владеењето на правото и сите процеси што ги мониторира Советот на Европа – потенцира Мицкоски.
За Мицкоски, ова е само уште една добра вест покрај онаа со која ЕУ го препозна проблемот со транспортерите.
– Благодарен сум на тимската работа, на сето она што го направивме, тоа е уште една добра вест покрај онаа со која ЕУ го препозна проблемот, би рекол не само со камионџиите туку и со друмските превозници, зборувам тука и за товарниот и за патничкит сообраќај, но во перидот што следува ќе има уште многу добри вести, така што сите оние невистини, лаги, од страна на опозицијата, што беа кажувани изминатиот период и злоупотребувани, полека се распрснуваат како меур од сапуница. Но, и на оние нивни перјаници во медиумите, кои ги засилуваат лагите во опозицијата мислејќи дека на тој начин ќе ми наштетат мене, но и на Владата – рече Мицкоски.
Тој повтори дека нема поголем демант од оној што дојде директно од Стразбур.
– Од Советот на Европа велат дека Македонија како држава е зрело демократско општество, владее правото, нема замолкнување на слободна новинарска мисла, се почитува слободата на говорот, и дека таа држава е зрела за понатаму навистина да ја гледаме како зрела демократија за разлика од другите земји од Западен Балкан, кои се или во постмониторинг или во мониторинг – додаде Мицкоски.