Излегуваат на виделина планови како да му се скрои нова национална капа на големиот македонски херој Гоце Делчев. Имено, пратеникот Антонијо Милошоски, на Фејсбук напиша дека премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов на средбата во Бугарија во ноември треба да се согласат дека Гоце Делчев е Македонец во регионална смисла, но Бугарин во народно-етничката припадност.
-Дипломатски извори во МНР споделуваат дека последниот предлог на официјална Софија е дека премиерите Заев и Борисов за време на предвидената средба на 11 ноември во Бугарија би требало да се согласат на следнава дефиниција за Гоце: ‘Гоце Делчев е Македонец во регионална смисла на зборот, но во смисла на народно-етничката припадност Гоце Делчев е Бугарин роден во географската област Македонија‘. Оваа дефиниција потоа би се применила и на многу други историски личности, како Даме Груев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Панко Брашнаров, Киро Глигоров и други. Веројатно ова е една од причините зошто Заев одбива и собраниска и политичка-лидерска дебата околу националните позиции на Македонија во однос на договорот за добрососедство со Бугарија, пред закажаната посета на Софија, напиша Милошоски.