Темно Режим Светло Режим

Ново рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ – на ред искази на оштетени

Со сослушување на оштетени и сведоци во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска во големата судница на Кривичниот суд во Идризово продолжува главната расправа за една од најголемите трагедии во поновата историја на државата, во која животот го загубија 63 лица, а над 210 беа повредени.

Се очекува денеска да сведочат петмина оштетени – Тоше Трендафилов, Мартин Китанов, Алберто Миладинов, Иван Данилов и Кристијан Панов. Сите биле присутни во дискотеката во моментот на избувнувањето на пожарот, дел од нив се здобиле со повреди, а некои загубиле и блиски членови на семејството.

Претходното рочиште, закажано за 14 јануари, беше одложено по барање на бранителката на обвинетиот Аднан Џаферовски, адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска, која во меѓувреме беше избрана за член на Судскиот совет. Одложувањето беше направено за обвинетиот да има време да ангажира нов бранител и тој да се запознае со предметот.

Advertisement

На рочиштето одржано на 29 декември 2025 година, сведочеа три мајки на загинати во пожарот – Марија Петрушева, Ирена Минова и Габриела Наунова. Расправата помина во исклучително тешка и емотивна атмосфера, обележана со плач и потресни сведоштва за загубата на децата.

Судењето тогаш беше прекинато поради сериозен инцидент во судницата, откако една од мајките на обвинетите им порача дека, без разлика на пресудата, за неа тие се убијци на нивните деца. По реакција од еден од обвинетите, дојде до бурни реакции од родителите на загинатите, по што судијката Диана Груевска Илиевска побара интервенција од судското обезбедување и предупреди дека секое понатамошно нарушување на редот ќе резултира со отстранување од судницата.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на музичката група ДНК, кога по употреба на пиротехника се запали објектот. Јавното обвинителство поднесе обвинение против 35 физички и три правни лица за кривично дело тешки дела против општата сигурност.

Меѓу обвинетите се сопственици и управители на дискотеката, лица од обезбедувањето, градежни и пазарни инспектори, проектант на објектот, поранешни градоначалници на Кочани, поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, поранешни министри за економија и службеници во Министерството за економија. Според Обвинителството, тие во периодот од 2012 година до денот на трагедијата направиле низа системски пропусти кои довеле до катастрофалниот исход. Сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Блокади на границите: Превозниците против новите правила на ЕУ

Следниот Пост

50 лица загинаа откако потона брод со мигранти во Средоземното море