Во Собранието денеска треба да започне 16. седница на која на дневен ред има повеќе одлуки и закони. На предложениот дневен ред се и одлуките за усогласување на составот на Државната изборна комисија (ДИК), како и за избор на нови членови на Комисијата.
Со одлуката за усогласување на составот на ДИК, се предлага претседател да биде Борис Кондарко, досегашен член, кој доаѓа на предлог на СДСМ, а потпретседател Абдуш Демири, кој во ДИК дојде на предлог на Беса. За членови се предлгаат досегашниот претседател Александар Даштевски (ВМРО-ДПМНЕ), потпретседателката Дитмире Шеху (ДУИ) и Оливер Ристевски (СДСМ). Собранието денеска треба да донесе одлука за распишување оглас за избор на двајца нови членови на ДИК. Бобан Стојановски (ВМРО-ДПМНЕ), кој беше член на ДИК стана заменик – генерален секретар на Собранието, додека Радица Ристеска (СДСМ) заминува во пензија. Огласот трае осум дена од објавување во Службен весник.
На дневен ред на оваа седница се предлог одлуките за објавување јавен оглас за именување на член на Комисијата за заштита од конкуренцијата, за избор на заменик- директор на Агенцијата за заштита на личните податоци, за именување на членовите на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за измена на Одлуката за именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври”, предлог на одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев” и предлог на одлука за избор на претседател, членови и нивни заменици на Комисијата на Собранието на Република Северна Македонија за следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
На седницата на дневен ред се и изменување и дополнување на Законот за експропријација, на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, на Законот за вработените во јавниот сектор, за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, за изменување и дополнување на Законот за постапување по претставки и предлози, за изменување и дополнување на Законот за управната инспекција, за изменување и дополнување на Законот за воведување на систем за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба, за изменување на Законот за јавните претпријатија, сите по скратена постапка.
Пратениците треба да расправаат и за измените и дополнувањата на Законот за заштита на конкуренцијата и на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка, како и за измени и дополнување на Законот за медиуми, во прво читање.