Родителите на апелацискиот судија Ѓоко Ристов тврдат дека 350.000 евра, кои беа пронајдени соѕидани во ѕид во кујната на нивната семејна куќа во Неготино, се нивна сопственост, а не на нивниот син.
Ова го соопшти адвокатот на одбраната Звонко Давидовиќ, кој информираше дека ќе биде поднесена жалба на одлуката со која на судијата му е определен куќен притвор, како и забрана за вадење патна исправа и за добивање нова.
Според одбраната, клучно спорно прашање е примената на обврската за пријавување на имот. Давидовиќ посочи дека во Законот постои нејасност дали оваа обврска експлицитно се однесува и на судии, нагласувајќи дека релевантната законска одредба создава „двојба“ во толкувањето.
Адвокатот додаде дека, според досегашната судска пракса, судиите не се третираат како лица кои директно потпаѓаат под одредбите за непријавување имот, што, според него, треба да биде земено предвид при одлучувањето.
Одбраната најави дека со жалбата ќе бара преиспитување на мерката куќен притвор, како и на останатите ограничувања што му се изречени на судијата.