Подигнувањето и осветувањето на храмот за мене беше зацврстување на верата и влог во човековата надеж и иднината, порача денеска поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Во објавата на неговиот профил на Фејсбук по повод на денешниот верски празник Свети Димитриј тој се осврна и на ктиторството на црквата „Свети Димитриј“ во Ново Село за која што тој и неговиот брат добија ордени од МПЦ-ОА
-Честито име и вечна слава на сите кои го слават денешниот празник посветен на Светиот великомаченик Димитриј Солунски, познат во јавноста како Митровден. Свети Димитриј нека ви даде здравје, љубов и мир во животот. Човек без вера, не е човек, а безбожно општество во кое луѓето ги негираат своите религиозни потреби е осудено на пад и пропаст. Храмот божји е свето место. Во него има место за сите кои го бараат својот мир и соединувањето со бога. Овој ден за мене и моето семејство е исклучителен и заради тоа е подигнат храмот посветен токму на Светиот великомаченик Димитриј. Подигнувањето и осветувањето на храмот, за мене беше зацврстување на верата и влог во човековата надеж и иднината. Светиот Димитриј бил поставен за војвода солунски, кој наместо да одговара пред римските цареви и да постапува по нивните наредби, застанал на страна на својот народ во одбрана на христијаните во Солун. За оваа негова одлука Свети Димитриј бил затворен и измачуван до смрт, но неговата жртва вечно ќе се памети и ќе биде патоказ за вистинските вредности во животот. Слава му на бога. Бог да ја благослови Македонија и сите нас, порача Мијалков.
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и неговиот брат, Владимир Мијалков, од Македонската православна црква – Охридска архиепископија беа одликувани со орденот „Свети Николај“. Наградата им ја додели Брегалничкиот митрополит Иларион за нивниот ктиторски придонес во изградбата на црквата „Свети великомаченик Димитриј“ во штипско Ново Село.
Црквата „Св. вмч. Димитриј“ и Света Архиерејска Литургија во Ново Село која беше осветена во неделата, е проект што браќата Мијалкови финансиски го поддржале во нивниот роден крај.
Мијалков во мај излезе предвреме од затворот во Струга, каде што ја отслужуваше казната за случајот „Империја“. Тој беше обвинет и во неколку други случаи на поранешното СЈО, но дел му застареа, а беше и ослободен во случаите „Тортура“ и „Трезор”.