Темно Режим Светло Режим

Што му се случува на телото ако правите кардио секој ден

Секојдневниот кардио тренинг може да донесе бројни здравствени придобивки, но експертите предупредуваат дека ефектите се позитивни само доколку се комбинираат со соодветен одмор, правилна исхрана и доволен опоравок, пренесува Health.

Кардио-вежбите како трчање, возење велосипед или брзо одење го забрзуваат пулсот и дишењето, а со текот на времето предизвикуваат длабоки промени во организмот. Редовната физичка активност може да го зголеми бројот на митохондрии во клетките, што резултира со поголемо производство на енергија, подобра издржливост и побрз опоравок.

Покрај тоа, кардиото го зајакнува срцевиот мускул и ја подобрува циркулацијата, со што се намалува ризикот од висок крвен притисок, покачен холестерол, срцев и мозочен удар. Истовремено, се подобрува и функцијата на белите дробови, кои поефикасно ги снабдуваат мускулите со кислород, овозможувајќи подолго вежбање со помал напор.

Advertisement

Редовниот кардио тренинг има позитивно влијание и врз менталното здравје, бидејќи го поттикнува лачењето на хормоните на добро расположение и може да помогне во намалување на стресот, анксиозноста и депресивните состојби. Дополнително, физичката активност придонесува за подобра регулација на шеќерот во крвта, што долгорочно може да помогне во превенција на дијабетес тип 2 и други метаболички нарушувања.

Сепак, стручњаците предупредуваат дека секојдневното кардио без доволен одмор може да доведе до претренираност, со симптоми како хроничен замор, нарушен сон, пад на физичките перформанси и зголемен ризик од повреди. Кај жените постои и поголем ризик од релативен енергетски дефицит, состојба при која внесот на калории не ги задоволува потребите на организмот.

Затоа, клучот за здрав и ефикасен тренинг е рамнотежата. Експертите препорачуваат поголемиот дел од кардио активностите да бидат со лесен интензитет, умерен тренинг да се практикува повремено, а интензивните вежби да се ограничат. Деновите за одмор се подеднакво важни, бидејќи му овозможуваат на телото целосно да се опорави и да постигне долгорочни здравствени резултати.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Зеленски: Подготвен е мировен план од 20 точки за завршување на војната во Украина

Следниот Пост

Елмас стартер, Наполи доминираше и го освои Суперкупот