Темно Режим Светло Режим

Силјановска-Давкова: Измените на Кривичниот законик ги потпишав како транзициско решение

Претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Силјановска-Давкова, изјави дека Законот за измените на Кривичниот законик го потпишала како транзициско, односно привремено решение, со цел да се избегне создавање правен вакуум, бидејќи дел од постојните одредби, како што оцени, биле на работ на уставноста.

Таа појасни дека ваквиот чекор бил директно поврзан со најавите од Уставниот суд дека може да пристапи кон укинување или поништување на одредени одредби, што би оставило празнина во правниот систем.

„На овие измени гледам како на правен феномен што досега не сме го применувале – транзициски потег и привремено решение, токму за да не се создаде правен вакуум“, истакна Силјановска-Давкова.

Advertisement

Претседателката призна дека имала забелешки на дел од законските решенија, но по деталните образложенија од предлагачите и Владата одлучила да го потпише законот. Дополнителна причина за нејзината одлука, како што рече, била и широката поддршка во Собранието, вклучително и гласовите од опозициската СДСМ, при што бројот на гласови бил близу до двотретинско мнозинство.

„Размислував, имам забелешки на некои решенија, но очекувам оваа транзиција најдоцна да биде надмината во јуни“, наведе таа.

Според Силјановска-Давкова, иако измените не се идеални, тие сепак претставуваат подобрување во однос на измените од 2023 година. Како клучни ги издвои одредбите поврзани со проектот „Безбеден град“, санкционирањето на половото и родово базираното насилство, како и построгите казни за сообраќајните злоупотреби.

Таа нагласи дека проектот „Безбеден град“ не може да функционира без соодветни кривични санкции за прекршувањата што се веќе утврдени во Законот за прекршоци.

Во однос на злоупотребата на службената должност и јавните набавки, претседателката оцени дека се неопходни дополнителни прецизирања.

Силјановска-Давкова потенцира дека измените ги прифаќа исклучиво како привремено решение, сè до донесувањето на новиот Кривичен законик.

„Ова ќе го толерирам само во пресрет на новиот Кривичен законик. Тој е клучен за судските реформи и се надевам дека ќе биде донесен што е можно побрзо“, истакна таа.

На крајот, претседателката нагласи дека законот го потпишала откако добила гаранции од Владата и предлагачите дека измените нема да значат одолговлекување на носењето на новиот Кривичен законик.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Висок функционер на Хезболах: САД сакаат да ја уништат Оската на отпорот

Следниот Пост

Зошто лимонот е еден од најкорисните сојузници во зимската исхрана