Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:
Уште пред две години, отпрлика ова време, пишував дека она што се прави врз Македонија и македонскиот народ е најлоша форма на фашизам и дека најопасен е токму оној кој потекнува од домашната средина. Но, во истовреме, не претпоставив дека оваа појава ќе земе толкав замав.
Неа ја изразуваат луѓето кои извлекле најмногу од политичкиот, финансискиот и општествениот домен. Тоа се политичари (поранешни премиери, министри, советници), интелекуалци (професори, академици), бизнисмени и други. И наместо, тие најмногу да ги истакнуваат и бранат македонските национални и државни интереси – да македонствуваат (како што вели Г.Тодоровски) тие го прават спротивното, небаре Македонија е нивна маќеа.
Тоа се бескрупулозни ликови со компромитирано минато и сегашност. Смачено ни е веќе, да ги слушаме и читаме нивните алтернативни и ненаучни читања на македонската историја, заради постигнување на одредени политичко-дипломатски диверзии. А бре луѓе, оваа рашомонијада, треба веднаш, јасно и гласно да се осуди и пресече во коренот, помен да не остане!
Само накратко, македонската историска наука, како во еден непристрасен судски процес ги разгледува нештата од различни аспекти. Во таквата поставеност, токму содржинскиот, а не буквално-фактолошкиот пристап кон историските процеси дава можност за објективно следење на историјата (вклучително и на македонската) во нејзината комплексност.
Објективноста не започнува и не завршува со документарните факти, што секоја историографија ги има во своја корист и заштита. Главно е да се види што ги создава фактите – свесно и доброволно дејствување, намерна манипулација или отворено насилство, недоволна информираност или наобразба, искушение или некаква зделка. Правото на автентичност, на интегритет и на идентитет е изворот на човечкиот прогрес. Така и целокупната македонска (академска) историографија, со научните истражувања, пишувања и толкувања создава веќе 76 години научна продукција, која треба и да се вреднува и почитува во јавниот и општествениот дискурс.
Можеби пак, е време мајка Македонија да ја напише својата најболна драма со наслов: „Сите овдешни кучкини синови“, по примерот на американската „Сите мои синови“ (А.Милер) или по примерот на руската „Мртви души“ (Н.Гогољ)! Разобличувајќи ја алчноста на луѓето без совест и нивната подготвеност да ги жртвуваат интересите и животите на другите луѓе и на татковината.