Строгост кон македонскиот јазик и тогаш и сега

Колумна на Наташа Котлар – Трајкова:

„Ова веќе не е повеќе држава, го допревме дното!“ е најчестиот коментар на луѓето! И како ли ќе биде кога секој ден скандали се редат и згора на тоа бугарски негатори со политички прдежи негираат сè што е македонско!

Но, бугарскиот шовинизам е заснован само на идејата дека Македонија е дел од Бугарија, а македонскиот народ е впрочем бугарски! Оваа идеологија е од постар датум (1870),  уште од времето на османлиското владеење, кога и Бугарската егзархија била дел од јавната власт. Управувајќи со македонските училишта, цркви, манастири и други народо-општествени прашања. При тоа акцентот бил ставен на писменоста, стандардизираниот лингвистички медиум (во случајов бугарскиот јазик), писмо и содржина.

Но, резултатите од овој процес биле очајно слаби. „Веќе било докажано и секој бил убеден дека учениците, коишто ги завршуваат средните училишта, се мошне слаби по мајчин јазик (се мисли на бугарскиот, б.н.). Не само учениците во пониските класови, туку и во погорните дури и самите матуранти, кога зборуваат не можат да ги искажат своите мисли правилно и логично“, пишува во егзархискиот орган „Вести“ (1891).

Затоа, егзархиската (бугарска) училишна власт барала учителите во Македонија да зборуваат на „литературен“ (односно на бугарски, б.н.) јазик  во наставата по сите предмети; настојувала учениците да не се собираат во групи, за да не можат да комуницираат меѓусебе на мајчиниот (македонски) јазик, а на учителите им било наредено со голема строгост да бараат од учениците и надвор од училиштето да го користат во заедничкото комуницирање на „литературен“ (всушност бугарски) јазик.

Анализирајќи ја токму оваа егзархиска практика во Македонија, Петар Поп Арсов еден од основачите на МРО, запишал: „училиштата, со еден збор, како што се сега поставени, ги немаат во предвид интересите на таа земја (Македонија, б.н.) за која наизглед постојат… И Македонецот има особена потреба од повозвишен интелектуално-морален полет, кој нашите ‘доброжелатели’ наместо да го подпомогнат, бараат севозможни средства да го спречат, сомневајќи се во најново време од некаков сепаратизам“.

Ова е само една одломка од историјата на македонскиот народ кога бил под туѓа јавна власт. Но, затоа актуелната власт (макар и северна) има обврска да се грижи и да ја развива македонската јазична, историска, идентитетска и именска посебност и да реагира на секоја форма на шовинизам!

А најмногу, сите ние Македонците имаме обврска да го чуваме нашето културно наследство и да дадеме силен отпор по секое посегање кон него, што инаку се прави и од внатре и од надвор.

 

Претходна вест„Левица“: Се злоупотребуваат матичните броеви на иселеници за да ги попишaт без да знаат
Следна вестГрадоначалникот Богдановиќ: 13 дена во болница се борев со вирусот, за кусо време се менуваше состојбата