„Левица“: Се злоупотребуваат матичните броеви на иселеници за да ги попишaт без да знаат

Повеќе македонски иселеници реагираа дека при обидот за внесување на матичниот број за да се попишат, добиле известување дека матичниот број веќе е внесен во апликацијата – иако прв пат се регистрирале, предупреди денеска политичка партија Левица.

Во партиското соопштение се наведува дека покрај скандалозното решение за споделување на лични податоци од страна на “блиски лица”, кое е спротивно на Европската конвенција за човекови права, очигледно Владата не може да ги заштити личните податоци ниту на иселените во дијаспората.

-Ова претставува сериозен пропуст, затоа што се работи за лични податоци чиј пристап е заштитен со закон и било каква злоупотреба на истите претставува кривично дело. Се поставува прашањето, дали поради слабиот одѕив за попишување во дијаспората, Владата се обидува со фалсификување податоци вештачки да ја зголеми бројката на попишани лица?, се потенцира во ставот на оваа опозициска партија.

Левица потсетува дека се работи за апликација која беше креирана преку донација од бугарска фирма, чиј претставник во Македонија е поранешна советничка на Кочо Анѓушев. Тоа уште повеќе ги зголемувало сомнежите за политички договори околу пописот.

-Ова е уште еден непоколеблив показател дека Владата предводена од СДСМ со сите методи и злоупотреби се обидува политички да профитира од пописот. Затоа Левица одбива да учествува во нелегитимен и нелегален попис, кој има за цел единствено да ги задоволи апетитите на владејачката коалиција, се наведува во соопштението.

Претходна вестОблачно со повремено сонце и засилен ветер
Следна вестСтрогост кон македонскиот јазик и тогаш и сега