Спорт со жар

Колумна на  Горан Милковски:

Додека јануари мина во серијалот празници и неизвесности со пандемијата, на спортски план се беше во знакот на ракометот и одбојката. Посвежи се ракометните јадови на Светското, одошто одбојкарските радости во Еуро квалификациите. И додека за првите треба многу повеќе од една реченица, она убавото е што и иако како резерва, цела деценија непрекинато учествуваат на европско или светско првенство. Секако и заминувањето на Кире Лазаров, кој 22 години по дебито на мундијалот во Египет, се прости од националниот дрес, повторно во Египет. Се друго ќе биде предмет на длабоки анализи и подготовки за брз излез од кризата.

Анализите се потребни и за одбојкарите, но како феномен во македонскиот екипен спорт. Во почетните денови од 2021 година уште еднаш одушевија со својот пристап, залагање, борбеност, мотивираност што често придонесува да добиваат и објективно посилни ривали. Вторпат по ред обезбедија пласман меѓу најдобрите 24 земји на Европско, со три добиени од четирите натпревари во групата. Очекувано двапати беа подобри од Босна и Херцеговина, а посакувано еднаш над Турција, што беше доволно за место на завршницата. Предводникот Никола Ѓоргиев ја потврди светската класа и како и секогаш e лидер и инспирација за сите свои колеги, кои инфериорноста во физичките предиспозиции ја компензираат со фанатична борбеност, верба во себе и во замислената тактика, по мускетарскиот принцип – еден за сите, сите за еден. Некои коментираат, па групата и не беше толку тешка… Но може ли некој да им го одземе правото на нашите момци да се борат и да се изборат, гинејќи за секоја топка, прославувајќи по секој успешен потег, заедно и при секоја индивидуална грешка, прифаќајќи ја како колективна.

И токму пред тој квалитет, колективниот дух и заедништво капа симнуваат сите, а резултат е новиот пласман на ЕУРО, што не може да го оспори никој.
И ако се вратиме наназад, кога во дебитантскиот настап во 2019 година отпатуваа срамежливо и во неизвесност, скромно со желба за добра презентација на македонската одбојка, а по двете победи над Белорусија и Словенија се вратија гордо и натажени, несреќно елиминирани од следната фаза. Европа им остана должна, а самите тие желно ќе ја чекаат претстојната есен, за да докажат она што го докажуваа во европската лига, кога трипати беа вицешампиони во петте години искуство со учество во завршниот „Фајнал фор“. Ако на Европското во Словенија покажаа дека вредат многу повеќе, веруваме дека на следното европско ќе стигнат барем еден чекор подалеку. Се додека овие момци играат со таков жар, пожртвуваност, посветеност, заедништво, ќе бидат гладни за успеси и ќе ја радуваат нацијата. И што е најважно, со таквиот однос тие се пример за помладите генерации, со кои клубовите мора да почнат многу попосветено да работат, ако сакаме во иднина да имаме некои нови Никола, Александар, Владо, Ѓорѓи, Васе, Славе, Филип, Иван, Дарко, Ристо и дружината од елитното репрезентативно друштво.

Претходна вестМајката на математичкиот талент Дамјан Давков бара правда: Ќе поднесеме тужба против МОН
Следна вестШирењето на британската мутација во земјава не е доволна причина за заострување на мерките