Се намножија џуџести ликови, но делото на Блаже Конески е монументално

Колумна на Владимир Величковски:

Блаже Конески оствари единствен опус со оригинални творечки белези: во поезијата, како автор на проза и во научните трудови, ценет и во светот. Негоите дела всушност се најдобар одговор на сите актуелни негирања и присвојувања кои се однесуваат на македонскиот јазик и идентитетот, на македонската историја. Тој своите лични искуства и искушенија ги преточи на лирски и строг начин во својата поезија исепана на убав македонски јазик. Како дете силно го доживеав ритуалот на семејна свадба: особено музиката и ритамот на „Тешкото“ (лазороското), радоста и тагата, плачот на најблиските. „Тешкото “ стана моја сликарска преокупација. Поезијата на Блаже Конески ми стана блиска токму на емотивен план, како и со темите кои добиваат универзално уметничко значење, Ме плени едноставноста заедно со мисловната сложена сугестивност на неговата поезија, спој на класично и модерно. Прво ја научив на памет поената „Тешкото“ и ги читав на глас трогателните стихови: О тешкото! зурли штом диво ќе писнат/штом тапан ќе грмне со подземен екот/ во градиве зошто жал лута се стиска/.

И во другите песни се содржани специфичноста  на македонското поднебје и на традицијата, својства на луѓето. Во песната „Везилка“ е вткаена симболиката: Две бои таму ти горат и капат, две шарки твои – црвена и црна.

Следат песните „Стерна“, „Ракување“, „Скопје“, „Игра со дете“ итн. Во сите нив провејува чувство на бескрајна човечка тага, за загриженост за загрозеноста на својот народ.

Собрав храброст да го посетам Блаже Конески во МАНУ, на кус разговор: го прашував за орото „Тешкото“, а тој остави кус запис како настанала поемата. Ја паметам неговата инспирирана промоција на книгата „Илјада и една ноќ“, како и неговата громогласна смеа. Му беше драго што критиката ги оцени позитивно цртежите на Ѓорѓи Ачески, неговиот пријател. Текстовите „Еден опит“ и „За откривањето на песната“ имаат особено слоевито значење.

Блаже Конески во младоста меланхолично забележува: се родив „во мало смачкано племе“. Останаа, но и се зголемија македонските црнила – се до работ на исчезнување. Се намножија џуџести ликови, но делото на Блаже Конески е монументално, на етички и духовен план. Забележано е : Си отиде огорчен… Слобода, закон, еднаквост не постојат, остана хаосот и падот на сите вредности, злото.

Претходна вестНиколовски од ВМРО-ДПМНЕ: Власта намерно не купува вакцини
Следна вестСамо 9 отсто од наставниците ја користеле Националната платформа во онлајн наставата