Стотици граѓани од утринава се во долгата редица за подигнување на ваучерите за инвертер клима уреди пред спортската сала „Борис Трајковски“. Денеска, во Скопје и во другите градови во земјава почна доделувањето на ваучерите од 23 до 25 илјади денари за 6.182 домаќинства. Доделувањето во Скопје ќе се врши од 9 до 17 часот.
Во останатите градови, подигнувањето на вредносните ваучери ќе биде во центрите за вработување за што Министерството склучи меморандум за соработка со АВРМ.
Оние граѓани кои денеска нема да успеат да стигнат, тоа ќе можат да го направат до крајот на ноември во просториите на Министерството за енергетика.
Ваучерите мораат да се искористат до 30 ноември. После овој рок тие не важат.
За ваучерите граѓаните аплицираа во февруари, а ги добиваат сега. За овој проект на минатата Влада на СДСМ и ДУИ обезбедени се 4,1 милион евра, или има пари за 6,182 ваучери. На повикот пристигнаа вкупно 18.805 барања по двата јавни повика. На огласот кој не е за ранливи потрошувачи барања доставија 14.500 баратели, а за огласот за ранливи потрошувачи 4.305 баратели.
Мерката, како што велат надлежните, е во насока на остварување на целите на Владата за поддршка на животниот стандард на граѓаните и намалување на аерозагадувањето.
Фото: Фејсбук група Стари скопјани