Танчерите на Dancers United на пиедесталот на Европското првенство во Шведска

Од 30 октомври до 3 ноември во Упсала, Шведска се одржа еден од најголемите танцови натпревари Mega Dance Weekend, елитен настан со традиција од шест години на кој учествуваа 3375 танчери од повеќе европски земји.

Во склоп на натпреварот се одржа и Европско првенство во латино – американски танци на Светската уметничка танцова федерација – WADF каде боите на Македонија ги бранеа танчерите на најтрофејното студио кај нас Dancers United.

Воодушевувачки е успехот на танчерите од Dancers United, репрезентацијата на Македонија која со своите 13 танчери беа на врвот во своите категории.

Пред сѐ е привилегија и предизвик да се биде дел од ова елитно натпреварување, а тоа што танчерите на Dancers United го покажаа на оваа европска сцена го потврдува фактот дека Македонија ги има едни од најдобрите танчери.

Танчерите на Dancers United од Европското првенство освен со огромното искуство, почит, восхит се вратија и со 11 златни, 9 сребрени и 5 бронзени пехари.

-Секој натпревар е големо искуство за нас како тренери, танчери и за мене како судија. Со голема радост ги прифаќаме поканите да учествуваме на сите позначајни меѓународни, светски и европски првенства. Ова Европско првенство во Шведска беше само уште еден показател дека танчерите од Dancers United се на врвно ниво, рамо до рамо со најдобрите во светот на танцот. Многу сме горди што од нашето студио излегуваат светски и европски прваци, нашите резултати покажуваат дека Македонија веќе е велесила во светот на танцот, задоволството е уште поголемо што интересот за нашите танчери секоја година сѐ повеќе се зголемува, тие се веќе препознатливи како квалитетни танчери со неверојатна техника, знаење, креативност, атрактивност, вештини, костимографија…, изјави Сара Кочан, официјален судија од Македонија на Европското првенство во Упсала, Шведска.

Во периодот кој следува танчерите на Dancers United ќе учествуваат на уште четири натпревари од кои три се меѓународни, во Романија, Хрватска и Србија, а на крајот од годината ќе бидат и на натпреварот Christmas Dance Competition 2024 во Велес.

На 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, танцовото студио Dancers United ќе ја одржи својата 10-та јубилејна инклузивна танцова претстава во Македонскиот народен театар, со која танчерите ја слават различноста преку танц, музика и уметност.

Претходна вестВечерва стартува серија на проекции на грчки филмови во Кинотека
Следна вестВо Италија се продаваат конзерви со локален воздух за 10 евра