Таткото на Вања барал да се прати порака до Илон Маск за да ја најде Вања преку сателит, сведочеше братучетка на мајката Зорица

Додека траела потрагата по исчезнатата Вања Ѓорчевска нејзиниот татко Александар барал да се прати порака до Илон Маск за да таа се најде преку неговите сателити. Ова денеска го кажа во своето сведочење Маја Спировска, братучетка на мајката Зорица Ѓорчевска во продолжението на судењето за двојното убиство на Вања и на велешанецот Панче Жежовски во Основниот кривичен суд во Скопје.

-Јас немав многу контакт со таткото на Вања, тој излегуваше, влегуваше, беше вознемирен… Тој цело време ѝ велеше на Зорица дека ќе ја најде Вања. Не зборував директно со него на оваа тема, јас повеќе бев со Зорица. Едно време рече „на Илон Маск треба да пратам порака, за да ја најде по сателит. Јас не знам како да исконтактирам со Илон Маск“, изјави Спировска.

Таа претходно кажа дека во деновите кога се трагало по Вања таа била во домот на братучетката Зорица, за да и даде поддршка.

-Во 11 часот ми се јави Зорица и ме извести дека ја нема Вања. Тој ден пребарував во Дебар Мало, низ кафулиња, а потоа, од вторникот, бев во домот на Зорица. Тогаш гледавме снимки со таткото на Вања и тогаш константиравме дека Вања е земена од пред зграда, бидејќи не се гледаше како излегува. Потоа во следните денови дојде и пријател на Александар, Гоце, и тој ги гледаше снимките. Во еден момент дојде во дневна, рече го видовме возилото ,,цитроен” што се бара, а и некој човек. Рече да не е некој педофил, па да ја грабнал, сведочеше Маја Спироска.

Таа рече и дека од родител чие дете учело со Вања била известена дека во групата на вибер на родителите Александар испратил порака, а потоа ја избришал.

-Ми кажаа дека напишал, ,,Вратете го детето ќе ви дадам пари”. Но, јас не ја видов пораката, рече братучетката на Зорица.

На првото рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Претходна вестПожарот на Беласица сѐ уште не е изгаснат
Следна вестИЈЗ отвори телефонска линија „Инфо бебе“за бремени жени и мајки