Темно Режим Светло Режим

Протест на ССМ: Бараме 600 евра минимална плата или следуваат блокади

Со транспарентот „Протестираме за плата“, работниците вечерва излегоа на улиците на Скопје за да дадат поддршка на протестот организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија и јавно да го искажат незадоволството од ниските плати и растечките трошоци за живот.

Протестот започна пред Работничкиот дом, симболот на работничката борба, каде синдикалците повторно ги истакнаа своите барања: минимална плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 100 евра.

Поворката продолжи кон Собранието, каде со извици „Уа“ и „Лопови“ демонстрантите го изразија револтот кон пратениците кои, според нив, одбиваат да отворат сериозна дебата за платите на работниците. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека синдикатите нема да се откажат од борбата.

Advertisement

Тој најави радикализирање на протестите, вклучително и блокади, генерален штрајк, како и собирање потписи со цел синдикатите да станат овластен предлагач на законски измени со кои ќе се бара значително намалување на платите на функционерите и зголемување на платите на работниците.

По Собранието, демонстрантите се упатија кон Стопанската комора, каде беа упатени пораки до работодавачите кои се противат на поголемо покачување на минималната плата, правдајќи се со неможноста бизнисот да го издржи товарот.

Синдикалните претставници порачаа дека трошоците за живот за само една година се зголемиле за околу 6.000 денари, додека платите стагнираат, а граѓаните се соочуваат со сè повисоки цени и празни трпези, особено пред празници.

Протестот заврши пред Владата, каде беше потенцирано дека зад барањата на работниците не стои политика, туку реалната економска мака на граѓаните.

„Нè собра сиромаштијата, неправдата и платите што не ни стигнуваат ни до половина месец. Нè собраа празните фрижидери и цените во маркетите“, порачаа синдикалните лидери, потенцирајќи дека синдикалната минимална кошничка е недостижна за најголем дел од граѓаните.

Од ССМ децидно најавија дека доколку Владата повторно одбие да седне на преговарачка маса, протестите ќе продолжат и ќе се интензивираат со блокади на институциите и генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор.

На протестот им се придружија и синдикати од образованието, културата, индустријата, трговијата, полицијата, како и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Обвинителството ги проверува тврдењата на Жан Митрев за притисоци од Заев и Филипче

Следниот Пост

Ракометна Европа без актуелниот шампион: Познати сите полуфиналисти