Охрид е бисерот на Македонија. Го чуваме ли сите ние доволно, а особено го прават ли тоа надлежните институции?
Државниот завод за ревизија при контролата на работењето на Општина Охрид за 2024 година, открил многу недоречености. Во градот неретко се градело и куќи и хотели без издадени одобренија за тоа.
„Општината нема донесено урбанистичките планови за 20 населени места, нема преземено мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во заштитените подрачја, поставувањето урбана опрема е без дозволи и платени комунални такси”, соопшти Државниот завод за ревизија.
Ревизорите навеле и многу други аномалии и неправилности во градов и работењето на Општината.
Зошто градот кој е заштитен од УНЕСКО не е доволно заштитен од надлежните институции?
Природата неверојатно го надарила тој регион, нашите предци низ вековите сето тоа го надополнувале со прекрасни градби и историја. Охрид низ вековите ширел во Европа учење, знаење и вера. Зарем ќе се дозволи сега некои приучени да му земаат урбанистичка мерка? Ревизорскиот извештај не смее да биде пикнат во некоја фиока. Охрид мора да е заштитен.