Киев и Харков, вториот по големина град во Украина, повторно беа цел на руски ракетни напади и напади со борбени дронови, јави германската агенција ДПА.
Шефот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко, рано утрово преку Телеграм предупреди дека се изведуваат руски напади со балистички ракети. Украинската новинска агенција Укринформ објави дека во главниот град се слушнале повеќе експлозии, а според непотврдени медиумски информации, погодени биле две термоцентрали.
Истовремено, Харков на истокот од земјата бил погоден од најмалку две ракети, соопшти градоначалникот Игор Терехов. Тој информираше и за масовен напад со борбени дронови врз градот.
И гувернерот на Харковската област, Олех Синиехубов, потврди дека се извршени напади, наведувајќи дека експлозии се слушаат и во предградијата на градот.
Руски напади со дронови биле пријавени и во регионите Запорожје и Дњепар.
Засега нема информации за жртви ниту во Киев ниту во Харков.