„Парк на сеќавањето“ ќе се вика обновената и реконструирана зелена површина зад скопската Универзална сала како заеднички проект на општина Центар и на руската амбасада во наша земја. Ова денеска го најавија Саша Богдановиќ, градоначалник на општина Центар и рускиот амбасадор Сергеј Баздникин кои засадија неколку дрвја во знак на пријателство меѓу двете земји. Новата парковска површина ќе се направи во чест на 75-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.
-Денеска се наоѓаме на местото позади Универзална сала, во продолжение на улицата „9 мај“ каде пред извесно време заедно со амбасадорот на Руската Федерација Сергеј Баздникин, го поставивме спомен обележјето во знак на сеќавање на жртвите и борците кои се бореа за ослободување и на нашата земја и на сите останати земји од фашистичкиот окупатор. Во продолжение на тој настан почнуваме една нова активност, а тоа е целосна реконструкција и обнова на паркот кој се наоѓа во непосредна близина на спомен обележјето, рече Богдановиќ.
Амбасадорот Баздникин посочи дека „Паркот на сеќавањето“ е во чест на сите кои ги дале своите животи во текот на Втората светска војна.
-Важно е сите да ги помниме тие времиња и да бидеме доследни на жртвите кои тие херои и на македонското тло и во Русија, Советски сојуз, ги дале за сите нас за сега да можеме да уживаме во слободата и во мирниот живот, рече Баздникин.