Заев: Размислуваме за легализација на марихуаната во туристичките центри

Во македонската Владата се размислува за легализација на марихуаната со цел да се стимулира туризмот и домашната економија по примерот на холандскиот град Амстердам. Ова во интевју за Дојче Веле го потврдил премиерот Зоран Заев кој најавил широка дебата на оваа тема, а доколку мнозинството се спротивстави ќе се откажат од ваквата идеја.

Според Заев, идејата е марихуаната да се употребува во угостителските објекти, контролирано, под одредени критериуми, и дека тоа би било овозможено во главните туристички центри низ Македонија, како Скопје, Охрид, но и Струга, Маврово, Дојран и други дестинации за туризам.

На прашањето на новинарот дали во однос на дозволеното користење на марихуаната „ќе се прави Амстердам во Скопје“ Заев вака одговори:

-Целта е токму тоа. Да биде контролирано како во Амстердам и многу други градови во светот. Идејата е да се даде можност во туристичките места, вклучително и Скопје, кафулињата, постојни и нови, со почитување одредени стандарди – вентилација, доказ за потекло на марихуаната и слично, да се овозможи консумација на марихуана внатре во нив. Верувам за мала земја, тоа може да донесе сериозен развој за угостителството и туризмот, имајќи ги посебно предвид нашите прекрасни туристички места: Струга, Охрид, Ресен, Дојран, Скопје, Берово, Маврово и сите други места. Тоа е дел од еден поширок економски пакет во којшто полагаме голема надеж.

Вчера и министерот за правда Бојан Маричиќ изјави дека е добро што била отворена јавната дебата за декриминализација на марихуаната, во која покрај експертите ќе се вклучат и граѓанските здруженија.

Претходна вестЈа „закрпиле“ општината Зелениково за 14.500 евра, кривични пријави за неколку лица
Следна вестПукање во Чаир пред продавница за автоделови