Локалната власт ќе прави зелен појас крај реката Серава, со што планира да ги збрише сите диви депонии и места каде се истура шут и отпад. Целта на проектот, што вчера се презентираше пред советниците на Град Скопје е овој дел од градот да биде место за прошетка и уживање на скопјани, а не место од кое ќе бегаат. Но, она што повторно предизвиукува внимание е фактот што Аквадуктот е изземен од проектот, односно тој нема ниту да се допре. А постојано – и лани и неколку пати пред тоа – само се даваа најави дека наскоро ќе се позанимава со него власта, но останаа само зборовите.
Претставници на Конзерваторскиот центар вчера објаснија дека не смеел да се допира Аквадуктот, „дека за овој простор се подготвува проект за конзервација и ревалоризација и се чека одлука на Владата за да се прогласи за споменик од културно значење“. Но Владата не се има произнесено уште.
Последен пат Владата лани се сети на Аквадуктот, чии носечки столбови тогаш беа мета на вандалите. Вети дека итни мерки ќе бидат преземени за обезбедување и заштита на оваа градба, но не кажа што ќе се преземе. Потоа ништо не се направи.
Во февруари 2018 година, државните, градските и општинските власти најавија дека прво ќе се направи конзервација, а потоа и реставрација на импознатниот објект. Најавија дури и дека ќе биде направена соодветна инфраструктура, дека ќе има и летна сцена со 600 до 1.000 седишта…
Но сето тоа се уште чека…