Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:
Минатата недела старо-новата владеачка групировка нè просветли со нејзините намери за добрососедство со источниот сосед. Небаре од животна важност било да се исполнат одредбите од оној несиметричен и противмакедонски „Договор за добрососедство“ со Бугарија! Ако воопшто нешто размислувале пишувачите и потпишувачите, особено од македонска страна, тогаш содржината на „Договор за добрососедство“ со Бугарија ќе беше политички, дипломатски и правно издражана. Наместо тоа, тие маката ја префрлија на други – особено врз историчарите! Оттука деновиве е и актуелноста на чл. 8 од овој Договор! Ни ја фраснаа в лице и бугарските и северно/македонските претставници.
Накратко, со овој член е утврдено формирање на мешовита македонско-бугарска експертска комисија која има за задача „да придонесе за објективно и засновано на автентични и врз докази засновани историски извори, научно толкување“ и определување на „заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности“ заради зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности. Небаре во изминатите седумдесетина години македонската историографија работела врз ненаучни принципи и методи создавајќи ненаучно толкување на историските настани и процеси (гледање на грвче, на карти и сл.)!
И не само тоа, се изроди и синтагмата „заедничка историја“ која ниту македонската ниту бугарската политичка и историско-научната страна не ја определи, не ја дефинира, што отвори огромен простор за произволно и недобронамерно нејзино толкување, особено од страна на европскиот источен сосед.
Срамота и за двете споменати страни, а особено за македонските претставници, кои најверојатно на часовите по историја хибернирале и одненадеж разбудени, нè „избомбардираа“ со нивното незнаење за „македонските работи“! Па сега и македонскиот револуционер Гоце Делчев лесно ќе го решеле!
Гoце Делчев е мaкедoнскa истoрискa личнoст и не мoже збор да стане за пaзaрење околу него. Сето ова што ни се случува, е гротеска, вистинита и апсурдна до болка!
А, Гоце Делчев, овој Македонец од Кукуш, без да знае што ќе му се случува во иднината, на еден современик, пророчки му забележал: „Овчка главо, запомни дека пред оние, на кои им ја должиш можноста да го напишеш своето име – ч о в е к, треба да стоиш без капа и кога ги пцуеш!“ Тој е емaнaцијa на македонската историска врвица и на македонската ослободителна борба! Негoвa идејнoст – oслoбoдувaњетo дa биде сo сoпствени мaкедoнски сили, стaнa иницијaцијa и нa бoрците oд НOБ и нa АСНOМ! Зaтoa е тoлку „бaрaн” oд дoбрите нѝ сoседи, зa дa се зaсени и уништи мaкедoнскиoт aтрибут вo нaрoднaтa мемoријa и достоинство, историја, јaзик и културa!
Делчев и неговите соборци, потоа, борците од НОБ или оние од претходниот период – браќата Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски, цар Самуил, Прличев, браќата Миладиновци и други личности, за македонската историја, се значајни од аспект на нивната дејност во градењето на македонскиот историски корпус. Тоа е содржина која се темели на амалгамот, на симбиозата меѓу народот и просторот, во една вертикална оска, која се движи од праисторијата, антиката, средновековието, новиот и современиот период. Затоа, вратете се на политичкиот мегдан, но умно и писмено, без егзебиции! За историските прашања, нормално е да постојат различни мислења, толкувања и ставови во науката.Тие и се во нејзиниот домен и не треба да бидат предмет на какви било политички преговори или договори!