Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:
Изминатите денови слушнавме многу нешта од претставниците на највисоката северна власт, а впечаток ни остави, нивното разбирање за: „историјата“, „фактите“ (бугарски), „црквата“, „мојата земја“, „нашиот народ“. Да почнам со ред!
Историјата е наука што се занимава со причините и последиците, во одредено време, простор и услови. Во нејзината научна дејност, секогаш доминира критичката анализа на изворите, документите и фактите. Процесите, настаните и личностите се разгледуваат и толкуваат само во контекстот на конкретното историско време. Но, има и обратни примери – денешниот вредносниот систем на една култура и сфаќање, да биде „мерен инструмент“ за минатото, неговите вредности и поимања.
Последново е сè поактуелно во наративот на северно-политичките претставници (и нивните комисии) во обид на промовирање на одредена политичка намера – подведување на македонската посебност и суштина, ѓоа заедничка – под туѓа етикета, обележје. Можеби, оттука е и грижата на „нашите паши“ за туѓите факти, да не се тие нечии маши!?
Ова некако потсетува на Орвеловата мисла, дека најефикасниот начин за уништување на еден народ е да се негира и уништи неговото соспствено поимање на својата историја. Факти за македонската особеност во историјата има, еве два-три!
Во 1891 г. митрополитот Т.Гологанов, настојувал да се обнови „стародревната Охридска Архиепископија, незаконски укината од султанот Мустафа III во 1767 г. … желбата произлегува од историското право на македонскиот православен народ да се ослободи од јурисдикцијата на туѓинските цркви, Бугарската егзархија и Цариградската патријаршија, да се обедини во своја единствена православна црква и ги добие сите белези на народ кој има право на самостоен духовен и културно-просветен живот.“
Српскиот учен С.Новаковиќ (1888), забележал:„ ако прашањето би се извадило од политичката сфера, па би се погледнало научно и академски – би можело… да се најде дека Македонците ја заземаат преодната алка помеѓу Србите и Бугарите… во тоа Македонија личи на Малорусите, кои така стојат меѓу Русите и Полјаците“.
Сведовштва многу, но на крајот, едно и за Г. Делчев.
Револуционерт К. Веселинов, запишал (1940): „ и македонскиот народ во епохата на своето национално оформување исфрли од својата средина еден таков национален херој – Гоце Делчев, кој целиот свој живот се бореше за слобода и независност на Македонија и со својата крв ги циментира основите на македонската ослободителна борба“.