Македонија загуби од Литванија во квалификациите за ЕП

Македонската ракометна репрезентација загуби на гостувањето кај Литванија со 29-27 во рамки на 2.коло во квалификациите за Европското првенство во 2026 година. Овој пораз секако го прави патот до континенталниот собир многу потежок.

Ако Естонија ја победивме тесно и доста тешко во Скопје со три голови разлика во средата, денеска Македонија повторно не беше на своето ниво, па дојде и првиот пораз во евроквалификациите.

Литванија постојано водеше во првиот дел, а имаше и највисоки +4. До крајот на полувремето нашиот тим се консолидираше и на паузата заминуваме со само еден негатива или 13-12. Во вториот дел игравме нешто подобро во почетните 15 минути, кога водевме постојано, но не повеќе од еден гол-разлика. Домашната селекција поведе со 25-23 и ова водство од +2 успеа да го задржи до самиот крај во драматичната завршница за конечна победа од 29-27.

Филип Кузмановски беше најефикасен во нашиот табор со осум голови, а по пет постигнаа Жарко Пешевски и Мартин Серафимов. Марко Кизиќ на голот имаше десет интервенции. Аиденас Маласинскас имаше осум голови за Литванија, а голманот Вилиус Рашимас запиша 15 интервенции.

На вториот натпревар во нашата група 1, Словенија остана перфектна со две победи откако славеше тесно со 28-29 на гостувањето кај Естонија. Евроквалификациите продолжуваат во месец март 2025 година кога играме двомеч со Словенија.

Претходна вестВучиќ разговараше со Трамп: Верувам во посилно партнерство со САД
Следна вестЛокализиран пожарот што избувна вчера на Беласица